Во предградијата на Атина во неделата избувнаа судири меѓу полицијата и граѓаните по бруталната интервенција на полициските службеници за да се провери дали граѓаните ги почитуваат епидемиолошките мерки, што предизвика бран незадоволство во земјата.

Полицијата употреби солзавец за да растера скоро 500 луѓе кои во неделата попладне беа собрани на плоштадот Неа Смирни, во јужното предградие на грчката престолнина, во знак на протест против инцидент што се случил претходно истиот ден.

На снимките од попладневните часови на истото место се гледа како полицаец со палка безмилосно тепа момче.

Се слуша и младиот човек како лелка од болка додека пак минувачите се згрозени од полициската акција.

Полицијата соопшти дека испратиле патрола со мотоцикли на плоштадот Неа Смирни попладне за да проверат дали се почитуваат мерките за контрола на коронавирусот, додавајќи дека добиле голем број извештаи за непочитување на тоа место.

Полицијата додаде дека во тие моменти нејзините припадници биле нападнатти од околу 30 лица, при што биле повредени двајца полицајци. Уапсени се единаесет лица.

Од грчкото МВР исто така соопштиле дека спроведуваат внатрешна истрага за полицаецот кој бил снимен како го удира момчето.

Грчките власти во неделата пријавија 1.142 нови случаи на коронавирус и 53 починати, со што бројот на смртни случаи достигна 6.758 од почетокот на пандемијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.