Неколку специјални единици на српската полиција и обвинителство, во продолжение на акцијата „Армагедон“, вчера уапсија 18 лица на територијата на Република Србија.

Како што соопштија надлежните, уапсените се сомничат за кривичните дела прикажување, прибавување и поседување порнографски материјал и искористување на малолетни лица за порнографија, користење компјутерска мрежа или комуникација со други технички средства за извршување на кривични дела против половата слобода врз малолетно лице и сексуално вознемирување.

Тие подолг временски период преку интернет, одредени апликации за делење на содржини и средства за прикривање на локацијата, преземале, зачувувале на компјутерски хард дискови и споделувале содржини создадени од искористување на деца за порнографски цели. Исто така, како што се сомнева, тие преку Фејсбук комуницирале со малолетници, а потоа испраќале и споделувале фотографии и видеа од порнографски содржини создадени со експлоатација на малолетници.

Има и основи за сомнение дека договарале средби со малолетници за сексуален однос.

При претрес на становите на осомничените и прегледот на компјутерите, пронајдени се повеќе терабајти материјал создаден со искористување на малолетници во порнографски цели, содржини за сексуална експлоатација на бебиња и деца на возраст од три до седум години, фотографии и видео снимки од инцест, а пронајдени се и други фотографии и видеа на експлицитна злоупотреба на деца за порнографски цели.

На осомничените им е одреден притвор од 48 часа, а со кривична пријава ќе бидат изведени во надлежното обвинителство во Белград.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.