Во Србија од вторник полицискиот час ќе почнува во 18 часот и ќе трае до 5 часот наутро, најави претседателот Александар Вучиќ во синоќешното гостување на ТВ „Пинк“. Пензионерите, пак, ќе можат од 18 часот до 1 часот, три пати неделно (во вторник, петок и недела), да се прошетаат по половина час.

Тој најави дека од вторник се отвораат сите занаетчиски дуќани и работилници: вулканизерски, автомеханичарски, хемиско чистење, чевларски, кројачи, продавниците за автомобили, велосипеди, за техничка стока и градежен материјал. Се очекува другите локали до 300 квадратни метри да се отворат од 27 април, освен оние во трговските центри.

Ако тргне на лошо, ќе ги повлечеме мерките, рече Вучиќ.

Според него, идејата е фризерските салони, салоните за убавина, теретаните да бидат отворени на 4 мај.

Вучиќ рече дека отворањето на хотелите, бањите, трговските центри, на меѓуградскиот сообраќај, како и контролирано отворање на аеродромите, кафе-баровите и рестораните, се планира меѓу 4 и 11 мај.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.