Во Србија, покрај вонредната состојба, денес во сите градови од 10 часот стапи на сила мерката за забрана на движење на сите постари лица од 65 години, и 70 години во руралните области, согласно синоќешните нови мерка на Владата во справувањето со пандемијата со коронавирус, јави дописникот на МИА од Белград.

Со неа вечерва од 20 до 5 часот наутро на територијата на целата држава е забрането движењето на улиците во Србија и на сите лица, освен органите на власт и оние кои ќе имаат работна обврска во трета смена.

Министерот за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ, денес изјави на ТВ Пинк дека полицискиот час и други мерки се воведени заради недисциплина на дел од граѓаните. Тој порача дека полицијата постојано ќе ги проверува лица на кои им е одредена изолација

Кого полицијата ќе го затекне на улица после 20 часот и нема писмена дозвола, ќе добие кривична пријава, ќе се спроведе на домашна адреса, а потоа ќе се води кривична постапка против него, изјави Стефановиќ.

Според него, речиси 50.000 луѓе се вратиле од странство во Србија од почетокот на кризата, повеќето се од Италија, а голем број не успеале да ја исполнат обврската за изолација, што довело до ширење на заразата.

Во Србија утринава евидентирани се вкупно 83 лица заразени со коронавирусот, што е за 11 лица повеќе од вчера, соопштија од министерството за здравство.

Веќе два дена на сила е вонредна состојба, затворени се границите за влез на странски државјани, поголемиот дел на вработените работат од дома, војската е распоредена на граничните премини, болниците, мигранските центри, на улиците е зголемено присуството на полицијата, а како изгледа денеска атмосферата по улиците во Белград, екслузивно ви ги пренесуваме преку фотографии.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.