Министерот за здравство на Србија, Златибор Лончар, денеска изјави дека лекарите кои го препорачале или препишале лекот „ивермектин“ се веќе отстранети од работните места.
Тие што беа на некои раководни позиции веќе ги нема. Сега доаѓа вториот дел. Тој лек не е според законот, тој е нерегистриран лек за човечка употреба, се користи во ветеринарната медицина и не може да се користи и препорача на луѓето“, истакна Лончар на прес-конференцијата по повод една година од Владата на Србија.
Тој рече дека лекарите кои ќе ја препорачаат употребата на тој лек ќе се смета дека го нарушуваат здравјето и животот на граѓаните на Србија и ќе ги сносат соодветните последици.
Лончар ги повика и медиумите во Србија да не известуваат за антиваксерите во Србија, бидејќи тоа е „она што тие сакаат“.
Доколку медиумите не им дадат простор на антиваксерите, ќе се види позитивен резултат. Не дозволувајте да се појават, бидејќи само тоа им е интересно“, рече министерот.
Иако експертите во српските медиуми постојано предупредуваа дека лекот „ивермектин“ не е безбеден (може да биде фатален), а камоли ефикасен во лекувањето на короната, неговиот „успех“ повторно се активира на социјалните мрежи.
Има приказни дека дури и некои лекари во Србија го препишуваат овој недоволно тестиран лек како превенција од вирусот на ковид или за негово лекување. Од друга страна, имаше приказни за бројни семејства кои се отруле земајќи го овој антипаразитски лек за чистење на добитокот.
Американската Администрација за храна и лекови (ФДА) во своето соопштение нагласи дека „нема податоци што би ја поддржале употребата на ‘ивермектин’ во лекувањето или спречувањето на вирусот Ковид-19, како и дека се појавиле многу дезинформации за него“. На колегите од Соединетите Држави во март оваа година им се придружија експерти од Европската агенција за лекови (ЕМА) кои ги разгледаа сите најнови докази за употребата на ивермектин во превенција и третман на Ковид-19 и јасно заклучија дека „достапните податоци не поддржуваат употреба без соодветни клинички испитувања“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.