Лекари од Словенија успеаја да извршат комплексна операција за трансплантација на бели дробови на помлад пациент кој бил заболен од ковид-19 и на кого му откажале белите дробови поради оваа опасна болест, објави во вторникот Универзитетскиот клинички центар во Љубљана.

Според раководителот на Одделот за торакална хирургија и најпрестижната словенечка здравствена установа, Томаж Штупник, успешната трансплантација се случила пред десет дена, а ова е прва трансплантација на бели дробови поради последиците од ковид-19.

Операцијата за спасување на животот на 34-годишен маж, непушач кој бил здрав пред да се зарази со новиот коронавирус, покрај тоа што имал лесна форма на астма, траела десет часа и пациентот сега се наоѓа во Центарот за интензивна нега и е во стабилна состојба.

Патем, ова е 16-та операција за трансплантација на бели дробови во Словенија во оваа година.

Според лекарите на Универзитетскиот медицински центар, човекот најпрво бил лекуван од ковид-19 во една од регионалните болници, но бидејќи немало напредок, во еден момент морал итно да биде пренесен во Љубљана. По еден месец му била извршена трансплантација на белите дробови.

Пациентот сега, според неговите лекари, го чека неколкумесечна рехабилитација затоа што мора да ја зајакне силата на мускулите кои изгубиле најголем дел од својата сила за еден и пол месец, колку што траела неговата тешка состојба.

Тој прво мора да ги зајакне мускулите важни за дишењето за да може да дише самостојно, а потоа и другите за да може да се врати во нормален живот, рекоа лекарите од УКЦ кои учествувале во операцијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.