Во дворот на Владата на Косово утрово е откриена спомен-плоча во чест на жртвите на терористичкиот напад на 11 септември 2011 година во Соединетите Американски Држави, јави дописникот на МИА од Приштина.

Косовскиот премиер во оставка Рамуш Харадинај и амбасадорот на САД Филип Коснет ја открија плочата на која се изгравирани косовскиот грб и зборовите „Косово помни“ на албански и на англиски јазик, како и датумот 11 септември 2011.

Харадинај во своето обраќање пред присутните на церемонијата изјави дека „и Косово го доживеа тешко нападот врз пријателскиот американски народ“.

Косово секоја година им одава почит на жртвите на 11 септември и сочувствува со Америка. Ние ќе го претвориме во традиција овој помен и секоја година на овој ден пред да ја започнеме работата во институциите ќе им одаваме почит на паднатите во Америка. Ова од причина што ги сметаме за наши, затоа што Америка беше со нас за нашата слобода и гаранција за слободата во светот и ние секогаш ќе бидеме заедно со Америка за да ја браниме слободата, изјави Харадинај.

Амбасадорот Коснет во своето обраќање изјави дека е почестен од начинот на кој косовскиот народ го одбележува 11 септември, што е „потврда за длабоката врска меѓу народот на Косово и народот на САД“.

Американците засекогаш ќе ја помнат поддршката која САД ја добија од светот, а реакцијата од нашите пријатели во Косово беше моментална и искрена. Веднаш по нападот насекаде низ Косово народот се собра за маршеви на поддршка, се палеа свеќи и се организираа крводарителски акции, а некои косовски граѓани се пријавија како волонтери за да се придружат на американската војска во борбата против глобалниот тероризам. Оваа спонтана реакција беше потврда за длабоката врска меѓу народот на Косово и народот на САД, изјави Коснет.

Речиси 3.000 луѓе загинаа во нападите што ги изврши терористичката организација Ал Каеда на 11 септември 2011 година во Њујорк и кај Пентагон.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.