Бројката на жртви на пандемијата на Ковид-19 во Косово се искачи на вкупно 1.220 од појавата на болеста, откако минатото деноноќие починале 17 пациенти заразени со корона вирус.
Во соопштението на Националниот институт за јавно здравство на Косово се наведува дека, од вчера извршените 1.035 тестови со методот РТ-ПЦР (165.583 вкупно досега), позитивни на коронавирусот резултирале 294 лица, со што продолжи трендот на околу една третина позитивни од вкупниот број тестирани.
Вклучително новозаболените, бројот на лица кај кои е откриен вирусот од почетокот на епидемијата се искачи на 47.203, а болеста досега ја совладале 34.637 лица. Во текот на вчерашниот ден како излекувани се евидентирани 482 пациенти.
Согласно официјалните статистики на косовските здравствено власти, во земјата во моментот има 11.346 активни носители на корона вирусот.
Косовскиот министер за здравство, Арменд Земај изјави дека Владата не планира олеснување на мерките за спречување на ширењето на заразата. Конкретно, тоа значи дека, меѓу другото, нема да се продолжи работното време на угостителските, трговските и другите фирми, ниту пак ограничувањето на движењето на граѓаните.
Моментно во Косово, зависно од бројките на заразени по општини, ограничувањата се од целосна забрана за работа на угостителските и други објекти меѓу 19 и 5 часот, до дозвола за вршење услуга за носење по 19 часот. Во истите периоди е забрането и излегувањето на граѓаните од нивните домови, освен во посебните случаи предвидени со последните одлуки на Владата.
Во интервју за државната телевизија РТК, косовскиот министер за здравство рече дека, освен релативно високата бројка на смртни случаи, загрижува и порастот на случаи со Ковид-19 во Западна Европа и во регионот.
Земај најави дека косовските власти настојуваат да обезбедат 1,2 милиони вакцини за Ковид-19, меѓутоа се уште не е извесно кога тие би можеле да стасаат во земјата, затоа што, како што рече, тоа зависи од произведувачите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.