Српската премиерка Ана Брнабиќ најави во неделата дека мерките против коронавирусот ќе мора да се заострат и информира дека подоцна во текот на денот ќе се одржи состанок со медицинскиот дел на Кризниот штаб кој инсистира на тоа.

„Сигурно ќе мора да ги заостриме мерките, но ќе видиме што може да се направи и што е најпаметно да се стори“, рече Брнабиќ во селото Јунковац во близина на Лазаревац, каде посети пункт за вакцинација.

Брнабиќ им се заблагодари на граѓаните кои се вакцинирале и рече дека тоа е „одговорно и пред себе и пред другите“.

„Во овој момент имаме малку повеќе од 1,2 милиони вакцинирани со првата доза, а ревакцинирани се и околу 740.000 лица, така што вакцинирани се околу 21 отсто од возрасната популација. Добро ни оди, имаме многу вакцини“, рече Брнабиќ.

Според неа, утре во Србија ќе пристигне нова испорака на вакцини „Fajzer“, во текот на неделата нови залихи на „Спутник В“, а во април се очекуваат и нови залихи на кинеските вакцини на „Синофарм“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.