Откако вчера беа регистрирани рекордни 748 новозаразени со Ковид-19 во Хрватска, хрватскиот министер за здравство, Вили Берош, ја опиша состојбата со корона вирусот во земјата како загрижувачка.

истовремено, министерот ја предупреди јавноста дека таа бројка може да продолжи да расте.

Ситуацијата е загрижувачка, но не е изненадувачка. Околностите во изминатиот месец, како и околностите во Европа и светот, укажуваат на тоа дека бројот на новозаразени лица расте насекаде, па така и во Хрватска – изјави Берош.

Министерот додаде дека поголемите собири на луѓе во последниот месец создале некои жаришта што предизвикаа такво зголемување на бројот на новозаразени.

Тука е и студеното време и фактот дека сме повеќе во затворени простории и тоа влијаеше на зголемувањето на бројот на заразени лица. Ќе има уште повеќе заразени лица, затоа треба да се однесуваме одговорно и да ги почитуваме мерките – изјави министерот.

Тој не ја исклучува можноста дневно да има и по повеќе од илјада новозаразени лица во Хрватска.

Можно е бројот на нови инфекции да се зголеми во наредните денови. Сепак, особено е важно да сфатиме дека треба да се однесуваме одговорно, самодисциплинирано и сериозно и да ги почитуваме мерките што ги препорачавме. Ако не сме одговорни, ако се дружиме, бројките ќе растат и понатаму – вели Берош.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.