Секоја среда Националната организација за јавно здравје на Грција ќе објавува податоци за децата од 4 до 17 години кои се заразени со Ковид-19, соопшти портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина.

Иконому додаде дека паралелно, Министерството за образование преку специјална платформа ќе информира за одделенијата или класовите што прекинале со настава со физичко присуство, поради потврдени случаи на Ковид-19

Истакна дека факт е дека кај конкретната старосна група, од 4 до 17 години, од март е забележано зголемување на бројот на заразени, кое кулминира особено по јуни и посочи дека „ова покажува дека зголемувањето на бројот на деца кои се заразени започна пред отворањето на училишната, споредбено со првиот квартал од годината.

Ја имаме испланирано рамката на работа во училниците, во дворовите, во училиштата и со континуираната контрола со селф и рапид тестови на учениците да обезбедиме отворени училишта, објасни Иконому и уште еднаш повтори дека намерата на Владата е да продолжи наставата со физичко присуство.

Учебната година во Грција започна минатиот понеделник, учениците следат редовна настава со физичко присуство, а задолжителен е документ поврзан со Ковид-19, односно сертификат за вакцинација (за учениците над 12 години) или потврда за прележана болест во последните шест месеци или изјава по направен селф тест, задолжителен два пати седмично (секој вторник и петок).

Наставата со физичко присуство ќе се прекине само доколку во едно одделение или клас има 50 отсто плус еден позитивен случај од вкупниот број ученици.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.