Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, за време на редовениот состанок за планот за вакцинација во земјата изрази задоволство што вакцинацијата во грција тече нормално и врз основа на планот.
Вакцинираме околу 5.000 сограѓани дневно и сигурен сум дека со ова темпо ќе се придржуваме до планот одреден од Комисијата за вакцинација и од Организацискиот комитет на операцијата „Слобода“ – изјави Мицотакис.
Тој истакна дека на 20 јануари почнува вакцинацијата на ранливите категории на населението, односно граѓаните над 85 годишна возраст, додека, пак, следниот понеделник ќе се отвори и платформата за закажување термин.
Мицотакис додаде дека земјата, сепак, ја очекуваат тешки месеци, бидејќи се свесни оти не може преку ноќ да се изгради ѕид на имунитет.
Ќе биде потребно време за да се вакцинира значителен процент од нашата популација. А, исто така, знаеме дека сè додека тоа не се случи, ќе мора многу внимателно да ги следиме мерките, како што ни укажуваат експертите – порача грчкиот премиер.
Граѓаните имаат можност на специјална интернет страница, што се ажурира секојдневно, да го следат процесот на вакцинација и колку лица веќе се вакцинирале.
Според податоците, заклучно со вчера во 17.40 часот, првата доза од вакцината ја примиле 16.233 лица.
Вакцинацијата во Грција почна пред десетина дена, односно на 27 декември, а до понеделник ќе се вакцинираат здравствените работници, како и персоналот и згрижените во домовите за стари лица.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.