Од утре, недела 3 јануари во 6 часот наутро, па се до 6 часот наутро во понеделник на 11 јануари, се воведува карантин во Грција со кој се одложува работата на сите активности и услуги што постепено беа дозволени пред Божиќ. Како што соопшти портпаролот на грчката Влада, Стелиос Пецас, целта на превентивните мерки е подобрување на епидемиолошката слика во земјата за од 11 јануари да се отворат училиштата.

Поконкретно, повторно се затвораат фризерските салони и берберниците, салоните за нега на нокти, центрите за технички преглед на возила, книжарниците, а прекинува да функционира и услугата  „click away“, односно подигање нарачка од продавниците, што практично значи дека Грција повторно се враќа на целосен карантин.

Полицискиот час е продолжен и ќе биде на сила од 21, наместо од 22 часот и ќе трае до 5 часот наутро.

Овие неколку дена остануваме дома и на 11 јануари се враќаме на денешната состојба и со отворени училишта. Развојот на епидемиолошките податоци ќе биде главен критериум за дополнителното, постепено отпочнување на економската и општествената активност. И секако, секогаш во согласност со мерките за заштита согласно околностите – истакна Пецас.

Портпаролот на грчката Влада изјави дека епидемиолошката слика во земјата е подобрена, но и понатаму е голем бројот на нови случаи, националниот систем сѐ уште е под притисок, а околу 2.500 граѓани Божиќ го поминале хоспитализирани, од кои над 400 лица приклучени на апарати на Одделите за интензивна нега.

Воведувањето построги мерки за периодот од трети до 10 јануари е од превентивни причини за да може на 11 јануари да се отворат сите училишта. Заедно со училиштата одново ќе функционираат бизнисите што беа отворени пред празниците, а по 11 јануари неделните литургии во црквите ќе бидат отворени за верниците.

На крајот од втората недела на јануари, одново ќе се оцени епидемиолошката состојба во земјата и Владата ќе излезе со нови соопштенија за останатите сектори на општествената и економската активност.

Од 7 ноември 2020 година, Грција е во карантин, што на два пати беше продолжен и требаше да трае до 7 јануари.

Паралелно беше воведен и полициски час, првично од 21 часот, а потоа скратен од 22 часот, додека, пак, непосредно пред Божиќните празници беа отворени фризерските салони и берберниците, салоните за нега на нокти, центрите за технички преглед на возила, книжарниците и беше воведена услугата  „click away“, односно подигање нарачка од продавниците, по претходно направена нарачка преку интернет или телефонски.

Од почетокот на пандемијата во Грција се регистрирани вкупно 139.447 случаи на Ковид-19, а починаа 4.881 лица.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.