Комисијата за национална одбрана и надворешни работи во грчкиот Парламент, попладнево ќе го разгледа нацрт законот за ратификација и стапување во сила на Договорот од Преспа, јави дописничката на МИА од Атина.
Претседателот на парламентот, Никос Вуцис, претходно ќе одржи состанок со потпретседателите за да се одреди парламентарната процедура, односно колку состаноци ќе одржи комисијата и кога ќе биде закажана пленарната седница.
Нацрт законот во саботата беше доставен до грчкиот Парламент, а се очекува да се изгласа до петок.
Како што во саботата објави МИА, нацрт законот од Министерството за надворешни работи на Грција, што е под наслов „Ратификација на конечниот договор за решавање на разликите кои што се објаснети во одлуките на Советот за безбедност на Обединетите нации 817 (1993) и 845 (1993), прекинување на Времената спогодба од 1995 година и воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните“, содржи три члена.
Првиот член е потпишаниот договор во целост, вториот член се однесува на покревање на нивото на Канцеларијата за врски во Скопје во амбасада и на Канцеларијата за конзуларни, економски и трговски работи во Битола на ниво на Генерален конзулат. Третиот член објаснува дека законот стапува на сила по објавувањето во Службен весник, а договорот по ратификацијата согласно членот 20.
Нацрт законот, со датум од 18 јануари 2019 година, е потпишан од грчкиот премиер Алексис Ципрас и министрите од неговата влада.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.