Актуелните мерки за патување во Грција, односно задолжителен документ за Ковид-19 и пополнет PLF формулар, продолжени се за уште една седмица, до 19 август, согласно новата министерска одлука „Предуслови за влез во земјата за да се ограничи ширењето на Ковид-19“, што утрово стапи во сила, јави дописничката на МИА од Атина.
Македонија и понатаму е на листата трети земји за кои не важи забраната за влез во Грција, отворени се сите копнени гранични премини, а за патување во Грција потребен е сертификат за вакцинација или негативен ПЦР/ рапид тест или потврда за прележан вирус, заедно со пополнет PLF формулар.
Поконкретно, сите посетители, „независно од државјанството и начинот на влез во земјата“ имаат две опции и една алтернативна можност, во однос на документите што треба да ги приложат и се поврзани со Ковид-19, а МИА детално ги пренесува сите предуслови за патување во Грција.
Првата опција е целосно да ја имаат завршено вакцинацијата 14 дена пред патувањето и да достават сертификат за вакцинација на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, издаден од јавна установа и да ги содржи податоците: име и презиме, како што се заведени во пасошот, вид на вакцина и бројот на дози, заедно со датуми кога се примени.
Втората можност е со негативен тест: или ПЦР направен во последните 72 часа пред патувањето или антигенски (брз) тест направен 48 часа претходно. И за двете опции, тестирањето треба да биде во одобрена од државата на потекло приватна или државна лабораторија, а потврдата да биде на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, а исто како и за сертификатот, треба да ги содржи и името и презимето на лицето кое патува, онака како што се заведени во пасошот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.