Министерството за надворешни работи на Грција ги достави до грчкиот Парламент двата нацрт закона по потпишаните договори во Скопје за отворање на нови гранични премини меѓу Македонија и Грција, едниот кај Мајден, другиот кај Маркова нога, а во вториот, вклучени се членови и за подигнувањето на Канцеларијата за врски во Скопје на ниво на амбасада и на Канцеларијата за конзуларни, економски и трговски работи во Битола на ниво на Генерален конзулат, јави дописничката на МИА од Атина.
Едниот предлог закон е под наслов „Ратификација на Договорот меѓу Република Грција и Република Македонија во врска со воспоставување нов граничен премин меѓу двете земји, што ќе ги поврзува Промахи во Република Грција со Мајден во Република Македонија“, а вториот под наслов „Ратификација на Договорот меѓу Република Грција и Република Македонија во врска со воспоставување нов граничен премин во регионот на Преспанското езеро и други одредби“.
Според информациите на дописничката на МИА од Атина, нацрт законите, прво, во текот на следната седмица, ќе се разгледаат на надлежната Комисија за национална одбрана и надворешни работи во грчкиот Парламент, а потоа ќе бидат доставени за ратификација на пленарна седница во Парламентот.
Согласно потпишаните договори, за изградбата и отворањето на граничниот премин кај Мајден ќе се користат фондови од Европската унија, а во договорот за граничниот премин кај Преспа, вклучени се и членови за подигање на нивото на Канцеларијата за врски во Скопје во амбасада и на Канцеларијата за конзуларни, економски и трговски работи во Битола на ниво на Генерален конзулат.
Според двата потпишани договори во Скопје, предвидено е да се формира заедничка Комисија на експерти од двете земји со најмногу девет претставници од секоја страна кои ќе бидат надлежни за техничките и правните теми, за функционирањето на граничните премини и за други прашања од заеднички интерес поврзани со спроведувањето на договорите.
Во рок од 30 дена од стапувањето на сила на договорот, двете страни по дипломатски пат ќе ги разменат листите со членовите на Комисијата, која за прв пат ќе се состане во рок од три месеци по стапувањето на сила на договорот, а ќе одржува состаноци на секои две години.
Ваква комисија е предвидена и за граничниот премин кај Мајден и за граничниот премин кај Маркова нога.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.