Државниот секретар во српското Министерство за здравство, Мирсад Ѓерлек, денеска изјави дека за седум дена во земјата се очекува да пристигнат 250. 000 руски вакцини „Спутник V“, а при крај се разговорите со „АстраЗенека“ за 800..000 дози.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, Ѓерлек изјави дека вакцините на „АстраЗенека“ ќе се набавуваат преку Полска, како што најави српскиот претседател Александар Вучиќ, и додаде дека се очекуваат уште кинески вакцини.
-Вчера пристигнаа 11.700 дози од вакцината на „Фајзер“, следниот понеделник ќе пристигнат уште 9.300, но затоа на 15 февруари ќе пристигнат 40.900 дози, а на 22 февруари 46.800 дози. Тоа значи дека во февруари ќе пристигнат околу 105.300 дози од вакцината на „Фајзер“, изјави Ѓерлек за Радио Телевизија на Србија.
На прашањето за британскиот вид на коронавирус, што е регистриран во Србија, тој изјави дека нема причина за паника, но има простор за претпазливост и сериозност, имајќи предвид што се случува во земјите каде што се има појавено.
Тој, исто така, посочи дека досега одобрените вакцини даваат одлична реакција, односно создаваат имунитет и против тој нов вид на коронавирус.
Во Србија денеска продолжува масовната имунизација на населението, но по препорака на владата, од денеска ќе можат да се вакцинираат исклучиво граѓаните кои се имаат пријавено за вакцинација, а не како досега и оние кои самоиницијативно доаѓаа на пунктовите за имунизација. До денес во Србија се вакцинирани 278.491 лице.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.