Преку телевизиски пренос на јавниот сервис на Република Српска, директорот на КЦ Владо Џајиќ ја прими првата доза вакцина Спутник V, а после тоа биле вакцинирани уште околу седумдесеттина вработени во клиничкиот центар во Бања Лука.

Цела година ја чекавме вакцината, но сега веруваме во нејзините резултати, рече Џајиќ, додавајќи дека тој е првиот што се вакцинирал и со личен пример покажал дека вакцината е сигурна и дека нема причина да се плашат од несакани ефекти.

Директорот на болницата во Бања Лука и неговите вработени ја примиле вакцината од пробен контингент од 2.000 дози, доставени од Русија пред околу десетина дена, со цел да се потврди нејзината исправност во лабораторија во БиХ. Откако Агенцијата за лекови на БиХ ја одобрила употребата на оваа вакцина, преостанатите дози биле искористени за симболично означување на почетокот на кампањата за вакцинација.

Министерот за здравство на РС, Ален Шераниќ изјавил дека тој исто така ќе биде вакциниран штом пристигнат дополнителни дози од веќе купената вакцина, нагласувајќи дека е постигната најдобра можна цена на пазарот.

БиХ претходно нарачала 1,23 милиони дози на вакцини од западните производители преку програмата COVAX на ООН и уште 900 000 во соработка со ЕУ, но сè уште ништо не било доставено.

Првите дози на Спутник V биле доставени до БиХ врз основа на посебен договор склучен од страна на властите на РС со рускиот производител. Тие нарачале вкупно 400 000 дози доволни за вакцинирање на 200 000 луѓе. Властите во Бања Лука очекуваат испорака на 100 000 дози на руската вакцина до крајот на февруари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.