Големото загадување на воздухот во бројни градови во Босна и Херцеговина годишно предизвикува прерана смрт на повеќе од три илјади лица, а државата губи повеќе од милијарда долари, предупреди канцеларијата на Светската банка во Сараево.
Од последиците на загадувањето на воздухот со честички ПМ 2,5 секоја година во БиХ прерани умираат 3.300 луѓе“, се вели во документот на Свeтската банка.
Од таа бројка околу 16 отсто од смртните случаи се однесуваат на лицата кои живеат во областите на Сараево и Бања Лука.
Жителите на бројни градови во БиХ со недели се гушат во загаден воздух кој содржи големи количества честички прашина и отровни гасови и од Светската банка во посебен извештај предупредија дека ваквата состојба станала неиздржлива и побараа итно преземање мерки за решавање на проблемот.
Покрај големиот број термоцентрали на јаглен и лошиот животен стандард кој населението го тера во зимските месеци да се грее користејќи цврсти горива, причина за лошиот квалитет на воздушхот со смртоносни последици е и немањето на каква било политика за намалување на загаденоста на воздухот, предупреди Светската банка.
Особено се истакнува проблемот со загадувањето на воздухот со ситни честички ПМ 2,5 кои навлегуваат длабоко во дишниот систем на луѓето предизвикувајќи инфекции и болести на срцето и белите дробови, како и мозочни удари и тумори.
Само во Сараево институциите задолжени за мерење на квалитетот на воздухот во јануари забележале концентрација и до 500 микрограма честички ПМ 2,5 на кубен метар, додека концентрацијата не би смеела да биде поголема од 10 микрограма на кубен метар.
Бројот на оние во БиХ кои умираат од последици на загадениот воздух е девет отсто од вкупниот број смртни случаи на годишно ниво.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.