Поранешниот политичар и сараевски професор Златко Лагумџија, го критикуваше Претседателството на Босна и Херцеговина затоа што не ја вклучило државата во значајни економски процеси во регионот, наведувајќи дека Србија, Македонија и Албанија отворале граници, слободен проток на луѓе, стоки и капитал, а сите возови одат без БиХ.
Не знам што друго може да се очекува од луѓето што нè водат, а тоа да не биде понатамошен пат во распаѓање без крај. Само во последните 24 часа, Босна и Херцеговина доживеа целосен крах и недостиг на државничко однесување и надворешна политика без каква било визија и елементарно лидерство – наведе Лагумџија.
Ваквата реакција на Лагумџија доаѓа откако Србија, Македонија и Албанија, по состанок во Скопје за „Мини Шенген“, најавија „почеток на новата ера на соработка во регионот“, но БиХ не е во тие процеси.
Рама, Заев и Вучиќ најавија дека се во тек сите меѓународни, правни и технички експертски договори меѓу овие три земји, кои до крајот на следната година ќе ги „избришат“ сите меѓусебни граници за слободен проток на луѓе, стоки, капитал и услуги. Речиси целата мината година, двајца членови на Претседателството на БиХ беа против „Малиот Шенген“.
Одеднаш, на покана на неколку значајни странци, на 17 септември 2020 година, Претседателството одлучи да ја „поздрави иницијативата или процесот што веќе е во тек меѓу Србија, Македонија и Албанија и да му наложи на Советот на министри да анализира што значи ова за БиХ, кои се штетите, бенефитите и можните опасности во рок од 30 дена – вели Лагумџија за порталот „Кликс“.
Тој вели дека поминало речиси една година од таа одлука, а нема видливи назнаки дека нешто по тоа прашање е направено.
Ниту сме слушнале, ниту сме виделе дека нешто е направено по ова прашање за денес да дознаеме дека сите тие возови одат без Босна и Херцеговина – нагласи Лагумџија.
Тој вели дека „елементарната пристојност и почит кон институциите и граѓаните“ бара членовите на Претседателството итно да ги кажат следните чекори во регионалната соработка и да направат било што конкретно на оваа тема“.
Време е да го прекинеме продолжувањето на ова однесување на луѓето што не водат. Во Спротивно, перспективата на БиХ, а особено на деловите на Федерацијата е да станат Западен Брег и Газа на Европа, кои ќе станат темен вилает опкружен со ЕУ и Малиот Шенген. Време е луѓето што ја водат оваа земја да почнат да се грижат за неа, а не да водат расправии кои служат само за нивниот опстанок на власт – заклучи Лагумџија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.