Националната организација за јавно здравје на Грција (ЕОДИ) денеска соопшти дека во земјата е потврден втор случај на сојот Β.1.617.1 што преовладува во Индија, јави дописничката на МИА од Атина.

Првиот случај на индиската мутација беше потврдена во петокот во градот Патра, а вториот е во Атина, откриен при рапид тестовите што ги спроведуваат мобилните единици на ЕОДИ.

Станува збор за 33-годишна жена, странски државјани, која живее во Атина, а на 4 април се вратила од Дубаи со негативен ПЦР тест направен пред заминувањето.

По пристигнувањето во Грција се појавиле првите симптоми, но не било потребна хоспитализација, а во тек е проверка на контактите на жената.

Според Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ) конкретниот вид Β.1.617.1, има низа мутации вклучувајќи ја и комбинацијата E484Q и L452R.

Кај вториот случај на индискиот сој, потврдени се и двете мутации, а потекнува од областа Махараштра во Индија.

За првиот случај, како што објави МИА во петокот, од ЕОДИ соопштија дека „не ја носи мутација E484Q, што се карактеризира како мутација што го избегнува имунолошкиот систем“, а според досегашните податоци од анализите,  „сугерираат дека видот B.1.617 без мутација E484Q потекнува од САД, поконкретно од Калифорнија“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.