2020 година ќе се памети како потрошена, како година во која не беше можно да се патува или да се дружи. Па, сепак, сите имаа некои важни настани во претходните 12 месеци, вклучително и Србија.

Од пандемијата со Ковид 19 и здравствените и економските мерки во борбата со коронавирусот, преку опозицискиот бојкот на изборите и новата Влада, тапкање во место во евроинтеграциите до Вашингтонскиот договор за нормализирање на економските односи со Косово се само некои од главните карактеристики кои ја одбележаа Србија во 2020-та година.

Кога ќе се прикаже борбата на Србија против коронавирусот таа би се движела од изјавите од типот на „најсмешниот вирус“, преку вонредната состојба и полициски час, забрана за патување и ПЦР тестовите, затворање на границите, карантин и италијанско и шпанско сценарио, фудбалски натпревари со околу 16.000 навивачи, отворање на најголемиот трговски центар, забави по белградските сплавови-до колапс на здравствениот систем со повеќе од 8.000 случаи заразени на ден и почеток на вакцинацијата.

Од првиот регистриран случај – 6 март – бројот на заразени на крајот на декември ја надмина бројката на 330.000, а повеќе од 3.000 луѓе починаа.

Пандемијата нагло се забрза во последните месец и половина. Бројот на нови случаи во ноември изнесуваше околу 130 000 , а во првите 15 дена од декември заразени се повеќе од 100 000 лица.

Епидемијата со коронавирус ја погоди Србија исто како и останатите земји во регионот, а и здравствените и економските мерки беа слични како и кај останатите земји-од застој во нормалнот образовен процес и он лајн наставата, до работа од дома и изолацијата, полициски час и ограничено работно време, затворање на угостителските објекти, колапс на туристичкиот сектор и други економски проблеми, но и со оценките на претседателот Александар Вучиќ дека Србија од економски аспект и со владините мерки има најмали економски последици во регионот и Европа.

Кај граѓаните, линијата на издржливост се движеше од аплаузи за здравствените работници и почитување на мерките- до удирање во тенџериња како револт за строгите мерки, што кулиминираше со немирите во јули пред Народнот собрание во Белград и полициската бруталност во смирување на состојбата.

Причина за овие настани беа и мошне контрадикорните настапи на одредени членови на Кризниот штаб, од кои некои подоцна станаа министри во новата влада или добија ордени за заслуги од претседателот Александар Вучиќ.

Неверувањето во официјалните податоци на бројот на зарени и умрени, придонесе и до апсење на новинари, отпуштање на медицински лица и формирање на движењето на медицинските работници „Обединети против ковид“ кои настапуваа со поинакви податоци и барања од владиниот кризен штаб.

Акцентот на борбата со се уште енигматичниот и смртоносен вирус, Србија ја насочи во отворање на повеќе нови болници, како што се болниците во Батајници и Крушевац, доизградбата на Клиничкиот центар во Белград и воената болница на Карабурма, претворање на болничките капацитети во Ковид болници и амбуланти, како и претворање на Белградски саем и Арена, Чаир во Ниш и Спенс во Нови Сад во ковид стационари.

Факт е дека Србија меѓу првите во Европа успеа да ја набави вакцината против Ковид 19, кога на 22 декември пристигна првиот контигент од 4.875 дози на Фајзеровата вакцина, со кој е потпишан договор за 1,8 милиони дози, кои ќе пристигнуват квартално.

На 24-ти вакцината прва ја прими премиерката Ана Брнабиќ и корисниците на домовите за стари лица.

-Денес е дефинитивно ден за насмевка. Конечно по 6 март, можеби за прв пат сега имаме причина да се насмееме. Ова претставува почеток на крајот на коронавирусот. Очекуваме што побрзо да добиеме вакцини од кинески производител, како и руски вакцини. Сигурен сум дека ќе ги имаме вакцините на Астра зенека и Модерна до крајот на првиот квартал.

Според српскиот претседател, „од средината на јануари ќе се оди на помасовни вакцинации, можеби дури и на милион луѓе“, со што преку бесплатната вакцина, која ќе можат граѓаните во Србија да ја бираат, 2021 година ќе биде година на надеж за победа над коронавирусот и враќање на нормалниот тек на животот.

Коронавирусот во 2020 влијаеше и на поличкиот живот во Србија, кој го карактеризираа изборите, бојкот на опозицијата и создавање на речиси еднопартиски парламент, новата Влада, тапкање во место во поглед на евроинтеграциите и Вашингтонскиот договор.

Во 2020 година, Србија за првпат не отвори ниту едно поглавје во преговорите за членство во ЕУ, а затвори само две од 35-те.

Официјалната потврда за тоа дојде од Брисел, бидејќи Советот на министри на ЕУ заклучи дека е потребен напредок во областите на демократијата, независноста на судството, слободата на изразување и медиумите со цел да се отворат нови поглавја, како и да политичката состојба во земјата се карактеризира со отсуство на одржливо присуство на опозицијата во парламентот што не влијае на политичкиот плурализам.

Србија продолжи да бележи пад во скалилата на Фридом Хаус, Репортери без граници и Транспаренси Интернешнл, кои ја следат состојбата во борбата против корупцијата.

Политичкиот дијалог на владејачките партии и опозицијата со посредство на Европскиот парламент (ЕП), во пресрет на пролетните избори не даде големи резултати околу измена на изборните услови и слобода на медиумите, по што уследи бојкот на поголемиот дел на опозицијата на парламентарните, покраинските и локални избори и формирање на речиси еднопартиска власт на сите нивоа, на досега неприкосновената Српска напредна партија (СНС) на Александар Вучиќ и Социјалистичката партија на Србија (СПС) на Ивица Дачиќ.

Тоа можеби беше причина, што претседателот Вучиќ, при формирањето на новата влада на старо-новата премиерка Ана Брнабиќ, најави нови избори на пролет 2022 година, што значеше и продолжување на дијалогот со опозицијата во 2021 година со посредство на ЕП околу изборните услови.

Дијалогот со Косово, кој е еден од условите за членство во ЕУ беше прекинат во 2020 година и скоро немаше напредок, освен ако не се смета за одреден напредок потпишувањето на таканаречениот Вашингтонски договор.

Според Доналд Трамп историски договор кој преку економијата ќе ги направи Србија и Косово подобро и побезбедно место, според Александар Вучиќ значаен договор со кој Србија ќе се гордее, а да не е признаено Косово и според Авдулах Хоти договор кој е прв чекор кон постигнување на конечен договор меѓу Србија и Косово.

Овие три изјави на директните потписници на договорот го отсликуваат значењето на она што Србија и Косово го потпишаа во Белата куќа со посредство и ангажман на речиси комплетната администрација на американскиот претседател Доналда Трамп.

По објавување на договорот, оценето е дека е потпишан договор за нормализирање на економските односи меѓу Србија и Косово, кој во себе има и политички сегменти, и кој преставува чекор понатаму кон целосна нормализација на однсите.

Со договорот Доналд Трамп во екот на изборната кампања успеа да поентира со успех на наворешно-политички план, иако загуби на изборите. Доби и Александар Вучиќ кој успеа со Трамп да потпише значаен економски билатерален договор за Србија, исто како и Авдулах Хоти кој издејсвува признавање на Косово од страна на Израел и воспоставување на дипломатски односи. Доби и регионот, како и Македонија со обврврската на Косово да се приклучи на иницијативата на т.н.Мини Шенген, за единствен пазар што значи слободен проток на стоки и луѓе, без пречки, бариери, такси…иницијатива покрената од Вучиќ, премиерите Зоран Заев и Еди Рама.

Во 2021 година останува да се види колку од сето договорено ќе се имплеметира и како ќе се раздвижи дијалогот со Приштина, со назнака на изјавата на српскиот претседател дека „до изборите најавени за 2022, нема да го признае Косово, а после тоа, народот ќе биде тој што ќе одлучи.“!

Она што можеби најмногу им значи на граѓаните на Србија дојде на самиот крај од годината, кога претседателот Вучиќ, изјави дека основните цели на државата за 2021 година се -мирот, здравјето и борба против короната, инвестирање во здравствениот систем и подобрување на животниот стандард.

-Нашите планови се амбициозни и големи. Целта е Србија во 2021 да има раст од 6 %, просечните плати да достигнат ниво меѓу 560 и 570 евра и пензите да бидат 270 евра, најави Вучиќ на новогодишната прес-конференција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.