Тест за Ковид-19 направен до 72 часа пред полетувањето за Грција; во авионите од, кон и во Грција нема да има празни седишта меѓу патниците; заминување од земјата без ново тестирање; „хотел карантин“ во секој туристички регион во случај да се појави позитивен случај.
Ова се дел од деталите од предлог-протоколите на Министерството за туризам на Грција, кои ги претстави министерот Харис Теохарис, говорејќи на видеоконференциски настан со претставници на подмладокот на Нова демократија.
Сепак, не станува збор за конечната верзија на здравствените протоколи, кои што се изработени во соработка со експертската комисија за заразни болести од Министерството за здравство на Грција, туку се предлози на Министерството за туризам доставени до туристичките организации, федерации и здруженија во Грција, кои можат да дадат нивни коментари, предлози и слично и мерките да претрпат промени, за до крајот на следната седмица да бидат финализирани, а конечниот збор ќе го има грчкиот премиер.
Според она што го соопшти министерот за туризам, за еден странски турист авионски да пристигне во Грција, ќе треба најдоцна во последните 72 часа пред патувањето да има потврда дека не е заразен со корона вирусот, а без негативен тест нема да може да се качи во авион. Додека пак, по завршувањето на одморот, туристите ќе заминуваат без никаква контрола, за да не мора, во случај тестот да е позитивен, да бидат во карантин во Грција.
Во однос на авионскиот превоз, како што објавија медиумите, летовите од, кон и во внатрешноста на Грција ќе бидат со полн капацитет, односно нема да има празни седишта меѓу патниците.
Министерството за туризам на Грција, во секој туристички регион во земјата ќе најми објект што ќе има функција на „хотел карантин“, каде што би се пренесувале туристите, доколку се констатира дека се заразени со корона вирус.
Секој хотел или туристички објект ќе биде обврзан да склучи договор со лекар, кој ќе биде надлежен да одлучи дали ќе биде тестиран туристот, доколку се појават симптоми на Ковид-19. Резултатите од тестот би биле готови најдоцна до шест часа, а ако туристот е позитивен, ќе биде пренесен во „хотелот карантин“.
Во хотелите нема да има шведска маса, додека пак лежалките на плажите ќе бидат проретчени и ќе имаат покривка за една употреба што ќе се менува за секој посетител.
Министерот за туризам на Грција, на видеоконференцискиот настан со подмладокот на Нова демократија, според грчките медиуми, најавил билатерални договори со одредени земји, а како пример ги споменал Бугарија, Израел и Кипар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.