Само со потврда на англиски јазик за негативен тест за Ковид-19, направен 72 часа пред патувањето, од среда до 29 јули ќе биде дозволен влез во Грција преку граничниот премин Промахонас (Кулата), согласно заедничката министерска одлука објавена синоќа во Службен весник на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Туристите, ќе треба во период од 72 часа пред патувањето да имаат направено молекуларен тест (PCR) во државна или приватна лабораторија, сертифицирана од надлежната служба на земјата, а резултатот да биде негативен.

Во потврдата на англиски јазик, треба да бидат вклучени име и презиме и број на пасош или лична карта.

Одлуката потпишана од министрите за здравство и транспорт и инфраструктура, стапува во сила во среда, на 15 јули 2020 година во една минута по полноќ и ќе важи до 29 јули 2020 година во 00.01 часот и ограничувањата важат за посетителите од земјите што се на листа која грчката Влада ја објави пред помалку од две седмици, а не се однесуваат на грчките државјани.

Освен негативниот тест, од среда, за влез преку Промахонас како и за авионските патувања, туристите, потребно ќе биде и да го имаат пополнето специјалниот образец PLF (Passenger Locator Form), преку интернет страницата https://travel.gov.gr, најдоцна претходниот ден пред патувањето, а не во период од 48 часа како што важеше претходно.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.