Косовскиот премиер Авдулах Хоти ги повика граѓаните на максимално внимание и солидарност, со цел да се избегне целосно затворање на земјата поради епидемијата на Ковид-19, јави дописникот на МИА од Приштина.

Хоти претпладнево преку својата страница на Фејсбук предупреди на нов бран на пандемијата и нагласи дека институциите во Косово ги преземаат потребните дејствија за соочување со порастот на бројот на заразени.

Зголемувањето на капацитетите за тестирање на сомнителните случаи, планот на Клиничкиот и универзитетски центар на Косово за активирање на дополнителни болнички кревети во приштинската и регионалните болници, зголемената контрола во училиштата и редовна седмична комуникација со меѓународните партнери, се дел од мерките за справување со здравствената криза кои ги набројува косовскиот премиер.

-Меѓутоа, потребно е да покажеме максимално внимание на работа, во училиште, во бизнисите, на улица и во секоја активност која подразбира собирање на луѓе. Треба да се има разбирање за да се избегнат сите јавни собири од секаква природа, како што препорачуваат Министерството за здравство и Националниот институт за јавно здравство на Косово, порача Хоти.

Бројката на активни случаи на Ковид-19 моментно во Косово изнесува 1.485, со тоа што само во последните недела дена таа е зголемена за околу 300. Од појавата на епидемијата, според последните официјални податоци, евидентирани се 16.754 носители на вирусот, од кои 14.617 се излекувани, додека 652 починале



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.