Владата на Србија им се извини на граѓаните, на Народното собрание и на претседателот за испраќање работна верзија на соопштението до сите медиуми за време на подготовка за владина седница, поради техничка грешка, пред да се одржи седница на Владата.

Владата на синоќешната седница, одржана во 20 часот, донесе одлука за повлекување на Законот за експропријација од собраниска процедура, кој претседателот Александар Вучиќ го врати на повторно одлучување во Собранието.

Владата ќе анализира дали и во колкава мера се неопходни измените на Законот за експропријација и само доколку се утврди дека треба да се менува законот, тоа ќе го направи со широка јавна расправа во која ќе се вклучи стручната јавност, професионалните здруженија, бизнис секторот и граѓанското општество – се вели во соопштението од Владата.

Владата до собранието предложи и измени на законот за референдум и народната иницијатива.

Претседателот на Собранието на Србија, Ивица Дачиќ, за ТВ Пинк потврди дека повеќе нема да се расправа за измените на Законот за експропријација, бидејќи претседателот на Србија го вратил на повторно одлучување, а Владата потоа го повлекла од процедура, додавајќи дека тоа значи дека се враќа на јавна распарава и дека „прашање е дали и кога воопшто ќе се менува“.

Дачиќ посочи дека процедурата е таква што, кога претседателот на Србија ќе го врати законот за нова одлука, Собранието повторно мора да одлучува за него или Владата го повлекува од процедура.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.