Високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит предупреди дека членот на Претседателството на БиХ Милорад Додик „ја преминал границата на реторичко потпалување оган, поништувајќи ги одлуките на високиот претставник и не признавајќи го Уставниот суд на БиХ“.

Во интервју за германскиот весник Зидојче цајтунг, Кристијан Шмит истакнува дека негова обврска е да обезбеди цивилна имплементација на Дејтонскиот договор, како што е наведено во Анекс 10.

Моја задача е да го променам тоа со притисок и насоки. Ако оваа политика не предизвика промени, меѓународната заедница мора да дејствува пред да има распад на БиХ – наведе Шмит.

Тој додава дека на располагање му се овластувањата од Бон, кои вклучуваат смена на политичари кои го нарушуваат Дејтонскиот договор, но, истакна дека „не смее да се пука од најсмртоносниот топ додека има други средства“.

Шмит оценува и дека „е погрешно да се верува дека ништо не оди на Западен Балкан без експлозии и чад“.

Прашан дали ЕУ згрешила што не вовела санкции за Додик како САД, бидејќи Шпанија се спротивстави на тоа, Шмит посочува дека е среќен што поранешниот германски министер за надворешни работи Хајко Мас ја иницирал дебатата, а Аналена Бербок продолжила.

Има и други членки на ЕУ кои го поддржуваат тоа. Јас сум оптимист и мислам дека ЕУ ќе најде начини да влијае врз Додик – нагласува Шмит.

Тој посочува дека Советот за имплементација на мирот, претходно овој месец, потврдил дека секое прекршување на Дејтонскиот договор ќе има последици, но разговорите со Додик се уште се во тек.

Знам дека на Додик итно му требаат пари. Успешно соработувам со ММФ, Светската банка и ЕБРД за Додик да добива пари само под строги услови – наведува Шмит.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.