Агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП) објави репортажа за тешките услови за живот на виетнамските работници на градилиштето на кинеската компанија Линглонг кај Зрењанин во Србија.
Во репортажата се вели дека додека српските и кинеските претставници овој проект го сметаат за стратешко партнерство, активистите за човекови права предупредуваат дека работниците што градат можеби се жртви на трговија со луѓе, па дури и ропство.
Сведоци сме на кршење на човековите права затоа што работниците од Виетнам работат во страшни услови – вели за АП, активистот на невладината организација Зрењанинска акција, Мишо Живанов.
Тој додава дека кинеските работодавачи им ги зеле пасошите на работниците кои примиле само една плата иако работат од мај.
Работниците спијат на кревети на кат без душеци, во бараки без греење и топла вода. Тие се пожалиле до газдите, но не добиле никаква медицинска нега дури и кога развиле симптоми слични на Ковид-19 – пишува АП.
Еден од работниците, за агенцијата АП се жали дека ништо од договорот за работа што го потпишал во Виетнам пред да дојде во Србија не е исполнето. Тој вели дека нема соодветна облека и дека околу сто други работници се во иста таква незавидна состојба, а по штрајкот што го организирале, некои биле отпуштени.
АП пишува дека од кинеската компанија не добиле коментар, но дека Линглонг за српските медиуми демантира дека компанијата е одговорна за работниците, обвинувајќи ги за нивната состојба агенциите за вработување во Виетнам.
Агенцијата додава дека ова не е првпат во Србија да се кршат правата на странски работници во кинески комапнии, потсетувајќи на случајот со кинеските рудари во рудникот за бакар во источна Србија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.