Се повеќе детали се откриваат за озлогласениот клан Беливук по апсењето на неговиот лидер, водачот на дел од навивачката група на ФК „Партизан“, Вељко Беливук или Веља Невоља.
Тој и неговата десна рака Марко Миљковиќ, заедно со 20 нивни соработници, меѓу кои и поранешни полицајци се осомничени дека биле организатори на една од најсилните криминални групи, што сеела страв и извршила најбрутални злосторства во регионот, биле уапсени за неколку изнуди, киднапирања и брутални убиства. Властите ја бараат нивната врска во највисоките државни органи, а Советот за безбедност закажа седница откако во една од трите куќи кои кланот ги користел е пронајден снајпер. Се претпоставува дека оружјето било за атентат врз претседателот Александар Вучиќ, особено поради врски на дел од приведените со ек- функционери во полициските служби, а за кои се шпекулира дека се поврзани со прислушувањето на Вучиќ.
Освен бункерот во стадионот на Партизан, каде Веља Невоља организирал забави со старлети и со многу наркотици, полицијата откри и три куќи во белградското предградие Ритопек, кои најверојатно ја користеле за убиства. Клучните докази за ликвидациите, зад кои, како што се сомнева, стои Беливук и членовите на неговата криминална група, која по бруталноста кон жртвите го надминала озлогласениот земунски клан, беа пронајдени во овие три викенд куќи.
Во една од нив, во Врчин, полицијата таму затекнала добро обезбеден објект, со најсовремен видео надзор и опкружен со висока ограда. Покрај оружјето, откриени се и материјални докази, отпечатоци од прсти и ДНК материјал, а форензичарите сè уште проверуваат дали биолошките материјали на исчезнатите во претходниот период се меѓу собраните траги. Крв и остатоци од хемиски средства за чистење се најдени во куќите, а траги од спалување директно на земјата во дворот.
Од полицијата не ја исклучуваат можноста жртвите да се соѕидани во темелите на куќата бидејќи Невоља и Миљковиќ работеле и како ѕидари на Звездара и во Панчево.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.