Aлтернативниот шеф на грчката дипломатија, Милтиадис Варвициотис, на средба со европскиот комесар за проширување и соседство, Оливер Вархеји, порача дека е потребно Европската Унија да биде доследна и кредибилна во обврските за Западен Балкан. Во таа насока, Варвициотис истакна дека Грција е подготвена да преземе конструктивна улога во интегративниот процес на регионот.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, Варвициотис ја повтори цврстата поддршка на Грција за проширувањето на ЕУ со земјите од регионот, а го информирал еврокомесарот Вархеји и за иницијативата од минатата среда во Солун, кога Западен Балкан беше вклучен во дијалогот за иднината на Европа.

Според Кабинетот на Варвициотис, Вархеји изјавил дека е особено задоволен од грчката иницијатива и ја поздравил активната улога на Грција во промоцијата на европската идеја на Балканот.

На комесарот Вархеји му потенцирав дека Грција цврсто ја поддржува ЕУ перспективата на Западен Балкан. ЕУ треба да биде доследна и кредибилна кон нив. Ќе продолжиме, на нашите соседи да им ја промовираме европската идеја, бидејќи ЕУ е посилна кога е обединета – напиша Варвициотис на неговиот официјален Твитер профил.

Еврокомесарот за проширување и соседство, исто така на Твитер, му се заблагодари на алтернативниот шеф на грчката дипломатија, за како што нашиша, добрата дискусија и додаде дека ќе работат заедно на нивните приоритети.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.