Грчкиот алтернативен министер за надоврешни работи Милтиадис Варвициотис во интервју за грчкото радио „Реал ФМ“ рече дека „разврската од Самитот на ЕУ не е пријатна за Грција и не оди во корист на стабилноста во регионот“.

Сигурно е дека тоа не е пријатна разврска за нас. Тоа е разврска што не е во корист на стабилноста во регионот. Но, би ви рекол и дека немаше да биде во корист на стабилноста на регионот и одлука што ќе велеше „да“ за Скопје, „не“ за Тирана, бидејќи во суштина ќе го радикализираше албанскиот елемент кој има многу големо влијание како во Скопје, така и во Косово, вели Варвициотис, додавајќи дека ставот на многумина, а меѓу нив и на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, бил дека „не е во корист на стабилноста на регионот разделување на двата случаи“.

Како што jави дописничката на МИА од Атина, Варвициотис, објасни дека и шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас и премиерот Мицотакис, но и тој лично, минатата седмица на состаноците на ЕУ, излегле со став дека првпат во историјата постои можност „на север да се граничиме со земји кои полека го добиваат статусот член на Европската Унија“.

Во однос на ЕУ перспективата на земјава, тој вели дека таа „не била поништена, туку само одложена“.

Вистина е дека скопската страна беше многу притисната. Заев сите денови на самитот се закануваше дека ако не помине договорот ќе поднесе оставка, за што никој од Европа не му кажа дека би било многу мудро да го стори, бидејќи со одлуката не се поништи нивниот европски тек, туку се одложи за следниот самит што ќе се одржи на балкански терен, во Хрватска, во Загреб и вниманието особено ќе биде насочено на она што се случува на Балканот, рече Варвициотис.

Во интервјуто за грчкото радио тој уште еднаш повтори дека Грција „притиска за спроведување“ на Договорот од Преспа, нагласувајќи дека тоа прашање било една од темите на средбата што ја имаше со вицепремиерот Бујар Османи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.