Иднината на Европа е тесно поврзана со интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија, порача алтернативниот министер за надворешни работи на Грција Милтиадис Варвициотис за време на Меѓувладината конференција ЕУ- Србија во Брисел, јави дописничката на МИА од Атина.
Варвициотис, како што соопштија од неговиот кабинет, ја повторил грчката поддршка за ЕУ перспективата на регионот, споменувајќи ја иницијативата од Солун во 2003 година и истакнал дека интеграцијата на Западен Балкан е важна „од политички, економски, но и безбедносен аспект за Унијата и не претставува само уште едно проширување, туку многу повеќе е геополитички стратешки избор што ја зајакнува улогата на ЕУ како главен регионален и глобален играч“.
Алтернативниот министер за надворешни работи истакна дека во време кога кај земјите од Западен Балкан има тенденција на губење на нивниот мотив за спроведувањето на реформите со ориентација кон ЕУ, потребно е да го зајакнеме кредибилитетот на Унијата во регионот и до српските граѓани да испратиме порака дека нашата иднина е заедничка, соопштија од кабинетот на Варвициотис.
Во однос на Србија, рекол дека е клучна земја на ЕУ во регионот и дека постигнала опиплив напредок, забрзувајќи ги реформите со фокус на владеењето на правото, а пред почетокот на конференцијата, одржал куса средба со српската премиерка Ана Брнабиќ, на која ја потврдил „цврстата поддршка на Грција за интеграцијата на Србија во европското семејство“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.