Целта на Грција е истовремена интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ, бидејќи со тоа првпат ќе има можност на север да се граничи со земји што припаѓаат на Европската Унија – порачал грчкиот алтернативен министер за надворешни работи, Милтиадис Варвициотис на средбата со заменик шефот на чешката дипломатија Алеш Хмелар.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, Хмелар и Варвициотис се сретнаа за време на самитот на групата „Пријатели на кохезијата“, што се одржува во Прага, а разговарале за новиот буџет на ЕУ, за бегалското прашање, Брегзит и за европската перспектива на земјите од регионот.

Разговарајќи за проширувањето, Варвициотис истакна дека целта на Грција е истовремена интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ, бидејќи со тоа првпат ќе има можност на север да се граничи со земји што припаѓаат на Европската унија. Поклопување на ставовите имаше и за ова прашање, бидејќи чешкиот заменик министер за надворешни работи го изрази неговото позитивно мислење во врска со проширувањето на ЕУ со Западен Балкан – соопшти грчкото Министерство за надворешни работи.

Алтернативниот шеф на грчката дипломатија рекол дека интегративниот процес ќе го стабилизира регионот и ќе ги зајакне владеењето на правото и институциите во земјите.

Сакаме добрососедство со овие земји, но исто така имаме и барања во однос на исполнување на критериумите за нивна интеграција – рекол Варвициотис.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.