Остварен е голем напредок помеѓу ЕУ и соседите во Југоисточна Европа во полициската соработка и во споредба со другите сфери, оваа сега е најнапредната соработка помеѓу ЕУ и директните соседи, вели во видео пораката еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји на 22-от состанок на Комитетот на министри на Конвенцијата за полициска соработка во Југоисточна Европа, што се одржува во Скопје.
Според Вархеји, Конвенцијата за полициска соработка за ЈИЕ е еден од темелите за таквата соработка и клучен елемент за де факто безбедносното партнерство што ЕУ го разви со регионот.
Вархеји додава дека на Конвенцијата се прави уште еден чекор напред со потпишување на Протоколот за менување на Спогодбата за автоматизирана размена на ДНК податоци и за регистрирани возила помеѓу шесте земји членки и шест соседни држави.
Во видео обраќањето Вархеји повика да се покажат и позитивни резултати во кривичните истраги, кривичното гонење и осудителните пресуди за тешки сериозни кривични дела.
Според Вархеји, поради глобализацијата на безбедносните закани сите држави мора континуирано да се адаптираат на сите промени, да ги обезбедуваат своите граници и да се борат против транснационалниот криминал, организираниот криминал, шверцот на луѓе и тероризмот.
Сите овие закани може да ги решаваме заедно само со заеднички напори. Ако полициите и Агенциите за спроведување на законот соработуваат и разменуваат информации – порача Вархеји.
Тој меѓу другото информира дека во ЕУ има проекти во однос на прекуграничната полициска соработка и борбата против организираниот криминал и тероризмот, во вкупна вредност од 32 милиони евра за Западниот Балкан и 11 милиони евра во другите источни земји.
Еврокомесарот за проширување истакна дека е пријатно изненаден и импресиониран од резултатите на следењето на трагите на незаконската трговија со дрога и незаконската миграција.
Апсењето на 330 осомничени лица и почнување на 37 нови истраги навистина ги надмина нашите очекувања и она што беше постигнато во 2019 година, кога имавме 166 апсења – изјави вархејо и изрази надеж дека во новиот Емпакт циклус резултатите уште повеќе ќе се подобрат.
Вархеји истакна дека ќе продолжат со развивањето на партнерството, преку процесот на пристапување кон ЕУ и тоа во областите во борбата против организираниот криминал и тероризмот.
Очекуваме навистина голем напредок да се постигне во усогласувањето со политиките за гонење и практиките на ЕУ, особено од аспект на соработката на полицијата – нагласи еврокомесарот за проширување.
На состанокот на Конвенцијата говореше и италијанската министерка за внатрешни работи Лучана Ламорџезе, која меѓу другото истакна дека ќе продолжи со нејзината поддршка за миграциските политики и на безбедноста, како и на легитимното очекување за признавање на остварените напори.
Таа се заблагодари за вложениот напор во полето во превенцијата и борбата против криминалните феномени.
Упатувам надеж дека што поскоро сите ќе можеме и формално да бидеме дел од европското семејство и со цврста решителност да ја продолжиме нашата соработка – порача министерката Ламорџезе.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.