Eврокомесарот за проширување и добрососедска политика Оливер Вархеи, од Самитот на земјите од Западен Балкан што се одржува во Тирана, оцени дека има желба оваа година да бидат организирани меѓувладини конференции со Албанија и со Македонија.

Јуни е критичен месец за Западен Балкан. Имаме многу прашања на маса. Ние сакаме да организираме меѓувладини конференции со Србија и со Црна Гора, за да ги продолжиме нивните преговори за членство. Ние сакаме да ги организираме првите две меѓувладини конференции со Албанија и со Македонија, го имаме овој Самит за да ги покажеме резултатите. Оваа година навистина може да биде година на Западен Балкан, но ние сакаме резултати – истакна Вархеји на заедничката прес-конференција со домаќинот, албанскиот премиер Еди Рама.

Вархеји додаде дека ЕУ веќе ги подготвила претпристапните фондови и е подготвена да го почне инвестицискиот план за Западен Балкан, но оти прво регионот мора да функционира како единствен регионален пазар.

Подготвени сме да ја потврдиме нашата заложба што ја ставивме на маса со планот за економски инвестиции. Од есента кажавме дека станува збор за 30 милијарди евра во вид на инвестиции во регионот, но овој план нема да функционира ако регионот не функционира како целина, ако немаме регионален пазар – посочи Вархеи.

Како еден од повеќето примери, Вархеи, посочи дека нема смисла да се градат автопати ако сите големи возила ќе мора да застануваат на различни гранични точки на секои 100 клометри.

Имаме договор во ЕУ за финансирање на овој план. Овој договор го постигнавме минатата недела со Советот на Европскиот парламент за програмата ИПА 3, односно претпристапните фондови, што ќе биде механизмот со кој ќе се финансира. Ние сме подготвени да го почнеме овој инвестициски план и сакаме нашите партнери од Западен Балкан да почнат со овој план што е можно поскоро – наведе еврокомесарот.

Рама, пак, изјави дека плановите за работа се конкретни и ова е еден од оние моменти во кои мора да се прифати дека ЕУ досега го исполнила својот дел и дека останува на земјите од Западен Балкан да го направат своето.

Не е спорно дека Владата на Република Албанија, јас лично сум бил од првиот момент и остануваме непоколебливи во нашето убедување дека проектот за она што јас го нарекувам регионален шенген, некој го нарекува минишенген, но некој друг не мора да го споменува името, е стратешки проект со вонредни економски и социјални придобивки, но на крајот и политички за целиот регион – истакна Рама.

Како што наведе Рама, лидерите на Западен Балкан побрале движењето на нивните граѓани да не биде ограничено од тоа каков вид на вакцини примиле .

По работниот ручек ќе биде потпишана заедничка декларација.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.