Носењето заштитна маска во новата учебна година во Грција ќе биде задолжитено за сите деца и ученици од четири до 18 години, како и за наставниците и професорите. Одлуката на грчката влада предвидува распределбата на заштитни маски да биде бесплатна и да се спроведува преку Министерството за внатрешни работи и општините.
Министерката за образование на Грција, Ники Керамеос, во интервју за грчката телевизија „Алфа“, соопшти дека ја прифатиле препораката од надлежната комисија на епидемиолози за задолжителна употреба на маска во забавиштата и градинките за деца од четири до шест години, како и во основните и средните училишта.
Во понеделник, официјално ќе бидат соопштени правилата и протоколите под кои на 7 септември ќе започне новата учебна година во Грција.
Министерот за внатрешни работи на Грција, Такис Теодорикакос, на неговиот официјален Твитер профил соопшти дека се одвоени вонредни финансиски средства во висина од 5,2 милиони евра за сите општини во земјата за обезбедување бесплатни маски за сите ученици и просветни работници во државните училишта.
Паралелно, на социјалните мрежи во Грција се појавија и групи кои повикуваат децата да не носат маска во училиштата. Родителите, кои се членови на групите тврдат дека или нивните деца ќе ги пратат во училиште без маска или ќе останат дома и нема да ја следат наставата.
За целиот случај, што предизвика реакции во Грција, според медиумите, веќе реагирал секторот за борба со компјутерски криминал на грчката полиција.
Ќе спроведе истрага и ќе собере материјал што ќе биде доставен до Обвинителството.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.