Вториот човек на грчкото неонацистичко движење, Златна зора, и поранешниот пратеник, Христос Папас, доцна синоќа беше уапсен во атинска населба. Тој е уапсен по повеќе од осум месеци бегство. Папас е осуден на затворска казна од 11 години и девет месеци.

Кон крајот на октомври минатата година, кога судот во Атина ги соопштуваше пресудите и казните за членовите на Златна зора, 59-годишниот Папас успеа да им побегне на властите.

Иако во изминатиот период во грчките медиуми се споменуваше дека Папас ја напуштил Грција и се крие во некоја од балканските земји, тој, сепак, беше уапсен во Атина.

Папас се криел во домот на 52-годишна жена која, исто така, е уапсена и ќе биде изнесена пред јавен обвинител.

Се очекува Папас денеска да биде пренесен во некој од грчките затвори.

Портпаролката на грчката Влада, Аристотелиа Пелон, соопшти дека со „апсењето на Христос Папас, конечно се затвора поглавјето на криминалната организација“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.