Во новите мерки, кои грчката Влада ќе ги соопшти утре, а ќе се однесуваат пред сè на невакцинираните граѓани, не е планирано воведување рестрикции за туристите, како на пример затворање граници или забрана за влез од одредени земји.

Засега немаме такви мерки на ум. Новите мерки се однесуваат на рамката на функционирање на јавната сфера, ако можам така да ја карактеризирам, од септември па натаму и станува збор за низа активности што се однесуваат на секој од нас – потврди владиниот портпарол Јанис Иконому, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, на брифинг со новинарите.

Во однос на новите мерки, владиниот портпарол вели дека намерата е да постои „рамка на мерки кои ќе бидат ефикасни, кои ќе се спроведуваат и главно што ќе можат да се контролираат за да се обезбеди нивната ефикасност“.

За жал, значителен дел од нашите сограѓани одбиваат да придонесат во националниот напор, бидејќи одбиваат вакцинација. Причините се познати, но неприфатени од научната заедница, од мнозинството граѓани, од Владата. Општеството не може да чека и пред сè не може да остане заложник на таквите сфаќања. Одиме напред со објавување, утре попладне, и имплементација на мерки и регулативи, кои ќе обезбедат колку што е можно поцелосно функционирање на јавната сфера во приватни и јавни простори, каде што ќе се забележуваат гужви – истакна Иконому.

Паралелно, одговарајќи на новинарско прашање за колективниот имунитет, потенцираше дека сè уште не е постигнато посакуваното ниво. ср/сд/

2021-08-23 14:52:23, од Сања Ристовска, Грција



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.