Кипарските Турци избираат нов претседател чија главна задача во наредниот период ќе биде да ги надмине длабоките политички поделби со кипарските Грци, отворајќи го патот за договор за завршување на 46-годишната поделба на островот и смирување на тензиите.
Изборите се одржуваат во време на обвинувања дека Турција отворено се обидува да го насочи електоратот од 200.000 гласачи кон десничарскиот кандидат Ерсин Татар. Татар се залага за целосно усогласување на политиката на кипарските Турци со политиката на Анкара и решение за две држави како алтернатива на долгогодишниот федерален модел за поделен медитерански остров.
Според предвидувањата на аналитичарите за 11 претседателски кандидати, главната трка ќе се води меѓу левичарскиот актуелен претседател, Мустафа Акинчи, лидерот на левиот центар на ЦТП, Туфан Ерхурман и десничарот Татар.
Доколку ниту еден од кандидатите не освои апсолутно мнозинство, вториот круг од изборите е закажан веќе следната недела.
Првиот голем тест за победникот најверојатно ќе биде состанокот на кој домаќин ќе биде генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, а на кој ќе треба да присуствуваат двете кипарски страни со тројцата гаранти, Грција, Турција и Велика Британија, за да се искористи шансата за продолжување на замрзнатите мировни разговори.
Кипар е поделен од 1974 година по турската воена интервенција, како одговор на грчкиот државен удар на југот. Последните мировни разговори со посредство на Обединетите нации пропаднаа во 2017 година и оттогаш нема никаков напредок во разговорите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.