Турското Министерство за надворешни работи соопшти дека одлуките усвоени на самитот на лидерите на ЕУ, кои се однесуваат на Турција, се далеку од тоа дека ги содржат очекуваните и неопходните чекори.
Во писмена реакција на одлуките усвоени на самитот на лидерите на ЕУ во Брисел, од Министерството наведуваат дека Турција направила повеќе отколку што добива во контекст на намалувањето на тензиите, интензивирање на дијалогот и соработката.
Во соопштението се коментира и новиот пакет финансиска помош од Унијата.
Новиот пакет финансиска помош на ЕУ не е насочен кон Турција, туку кон сириските бегалци и тој всушност претставува чекор кон обезбедување на благосостојба и безбедност на Унијата. Сведувањето на соработката во областа на миграцијата исклучиво на финансиска основа е голема грешка. Би било корисно за сите да постои интензивна соработка на ова поле – се порачува во соопштението.
Турското министерство за надворешни работи нагласува и дека одлуките од самитот на лидерите на ЕУ во врска со Кипар се само повторување на грчките ставови и дека ЕУ продолжува да ги игнорира кипарските Турци и нивните права.
Исто така, во соопштението се додава дека со инсистирање на такви позиции, ЕУ нема да може да даде конструктивен придонес во решавањето на кипарското прашање.
Во тој контекст, уште еднаш ја повикуваме ЕУ конечно да ја увиди реалноста на островот Кипар, да ги признае правата на кипарските Турци и да ги исполни ветувањата дадени во 2004 година – се заклучува во соопштението од официјална Анкара.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.