Турција почнува со аплицирање на турската вакцина против Ковид-19 Турковак, објави државната ТРТ Хабер, цитирајќи ги здравствените власти.
Министерот за здравство, Фахретин Коџа, на Твитер објави дека вакцината може да се даде и како бустер доза, без разлика каква вакцина била дадена претходно. Оние кои сакаат да се вакцинираат со овој препарат можат да закажат термин во градските болници во државата од каде ќе почне вакцинацијата.
И самиот Коџа вчера ја прими вакцината Турковак како засилувачка доза, заедно со членовите на специјализираниот научен совет за контрола на корона вирусот.
Турската вакцина Турковак доби одобрение за итна употреба минатата недела. Со воведувањето на Турковак, Турција стана деветта земја во светот што произведува сопствена вакцина против Ковид-19.
Досега во државата се аплицирани 130.656.206 дози од вакцините против корона вирусот. Вкупно 56,87 милиони луѓе биле имунизирани со најмалку една доза, 51,53 милиони со две дози, а 18,34 милиони примиле трета доза вакцина додека 83,01 отсто од возрасната популација се вакцинирани со две дози, покажуваат официјалните статистички податоци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.