Авион на грчката влада во кој министерот за надворешни работи, Никос Дендиас, се враќал од Ирак, бил задржан во воздух дополнителни 20 минути, затоа што турските власти го одложиле издавањето на дозвола за премин.

Авионот синоќа побарал одобрение од турските воздухопловни власти додека ја преминувал ирачката граница откако го напуштил Багдад, но морал да чека 20 минути за издавање на дозволата, пренесува „Катимерини“.

Ваквото задржување на закажаниот дипломатски прелет, кој ги добил сите потребни дозволи однапред, се смета за крајно невообичаено и официјална Атина смета дека тоа е нова и сериозна провокација на Анкара, оценува грчкиот весник.

Овој потег се случил неколку часа пред состанокот на лидерите на Европската унија во Брисел, на кој се очекува Атина да се заложи за силен одговор на турското присуство во источниот Медитеран и Егејското Море.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.