Турција ја осуди одлуката на Косово да отвори Амбасада во Ерусалим, истакнувајќи оти таквиот чекор е кршење на резолуцијата на Обединети нации (ОН) за статусот на Ерусалим и штети на мировниот процес за решавање на израелско-палестинскиот конфликт.

Отворањето на Амбасадата беше крајно несреќна одлука донесена од лидерите на народот, кој претрпе големи страдања за да ја добие својата независност – се наведува во соопштението на турското Министерство за надворешни работи.

Во соопштението се истакнува дека Косово со таквата одлука ги игнорира страдањата на палестинскиот народ, кој со децении живееше под окупација и е под сериозно кршење на човековите права.

Постапувајќи на овој начин, косовските лидери ги прекршија утврдените параметри на мировниот процес, вклучително и релевантните резолуции на ОН за статусот на Ерусалим и и наштетија на визијата за решение на две држави и мировни надежи во регионот – се посочува во соопштението на турското МНР.

Во соопштението се упатува апел до косовските лидери „да го користат здравиот разум и да отстапат од овој неодговорен и незаконски чекор”.

Турција беше една од првите земји што ја призна независноста на Косово во 2008 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.