„Трагедија во Македонија“ е насловот што преовладува во текстовите објавени од грчките медиуми за вчерашната несреќа на автопатот Скопје – Гостивар, јави дописничката на МИА од Атина.

Уште синоќа дел од медиумите во Грција објавија за страшната сообраќајна несреќа и првичната информација за пет загинати, а во текот на вечерта ги обновуваа и дополнуваа текстовите, како што се зголемуваше бројот на жртви.

Утрово пак, медиумите ја преземаат и пренесуваат веста под наслов „Дводневна национална жалост во Македонија за 14 загинати во превртување на автобус“, објавена од грчката новинска агенција АНА-МПА.

Уште еден повреден им подлегна на повредите по превртувањето на автобус во близина на Скопје, со што бројот на починати се зголеми на 14. Од околу 30 повредени што се хоспитализирани во болниците во Скопје, најмалку шест се борат за живот – пишува АНА-МПА.

Во текстот спомената е синоќешната владина седница и одлуката денеска и утре да бидат денови на жалост, а пренесена е и изјавата на премиерот Зоран Заев.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.