Хрватскиот европратеник Тонино Пицула е именуван за претседател на Работната група за Западен Балкан во Одборот за надворешна политика (AФET) на Европскиот парламент.

Кон крајот на минатата година Пицула беше именуван и за прв известувач за препораките на ЕП за Западен Балкан.

Работната група за Западен Балкан е формирана во Надворешно-политичкиот одбор на ЕП во 2005 година со цел да ги одразува политичките приоритети на ЕУ и да обезбеди покохерентен пристап на ЕП во регионот.

И во овој, девети мандат на ЕП, демократизацијата и трансформацијата на шесте земји од регионот ќе бидат во фокусот на агендата на Одборот за надворешна политика на ЕП, а со посебен нагласок врз продолжувањето на политиката на проширување, изјавија од кабинетот на Пицула.

Од ЕП наведуваат дека оваа Работна група е одговорна за кординацијата, воспоставување иницијативи и известување за Западен Балкан, поврзување со Советот на Европа, со официјални претставници на институциите на ЕУ, соработка со претставници и официјални лица од земјите кандидати и потенцијалните кандидати за членство од регионот, како и со претставници на ОН, Светската банка и други меѓународни актери.

Претседателството со ЕУ е шанса Хрватска да ги потврди своите надворешно-политички приоритети, меѓу кои е проширувањето и стабилизацијата на нашиот соседен регион Западен Балкан, изјави Пицула.

Тој заклучи дека европската перспектива на Западен Балкан, односно политиката на проширување на ЕУ, е силна алатка за стабилизација на регионот и кажа дека очекува пристапните преговори соМакедонија и Албанија ќе бидат отворени на самитот ЕУ-Западен Балкан, што требва да се одржи на почетокот на мај во Загреб.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.