Заменик-министерот за цивилна заштита на Грција, Никос Хардаљас, на вонредна прес-конференција за пожарот во околината на Коринт, изјави дека ќе биде тешка вечер и дека бараат претпазливост од сите што се во поширокиот регион затоа што се водела битка во тешки услови.
Тој соопшти дека е активиран целиот механизам за зашитита на луѓето, а процените се дека изгореле околу 2.000 хектари шума, јави дописничката на МИА од Атина.
Хардаљас објасни дека пожарот почнал од горење на остатоци од маслиново дрво.
На терен се 265 пожарникари со десет пешадиски тимови од војската, а од шест часот утрово се интервенира и од воздух со авиони и хеликоптери. Дополнително, помагаат цистерни од општината и волонтери.
Од Секретаријатот за цивилна заштита, со две пораки испратени во 14 и 15 часот, преку специјалниот број за итни случаи 112, побараа од жителите на повеќе делови во близина на Коринт да ги напуштат домовите, а досега, превентивно, евакуирани се 12 населби и два манастири.
Синоќа биле евакуирани пет од селата во околината, а останатите седум во текот на денешниот ден.
Поради ветерот, пожарот се шири брзо, а неофицијално, дел од куќите претрпеле материјална штета.
Пожарот е на околу 80 километри од Атина, а чадот, стигна и до грчката престолнина, но и до Кикладските острови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.