Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис најави набавка на воени авиони и опрема, а најголем добитник од од оваа програма, ќе биде Франција, со оглед дека Атина планира да купи 18 борбени авиони од типот Рафал, пренесува БиБиСи.

Мицотакис рече дека Грција ќе набави 18 борбени авиони „Рафал“ од француско производство, како и четири фрегати и четири поморски хеликоптери, ќе регрутира 15.000 дополнителни војници и дека понатаму ќе ја финансира својата одбранбена индустрија. Програмата вклучува и реновирање на четири фрегати и набавка на противтенковски оружја, торпеда и ракети, додаде тој.

Грчкиот премиер рече дека додека светот е под опсада на двојната криза, здравствената и економската, Грција „продолжува да управува и со националниот фронт, кој станува сè покритичен, бидејќи Анкара ги загрозува источните граници на Европа и ја поткопува безбедноста на чувствителната крстосница на три континенти“.

Тензиите се разгореа меѓу Грција и Турција околу резервите на гас во Источен Медитеран. Турција неодамна испрати пловни објекти да спроведат сеизмички истражувања што предизвика заострување на спорот со Грција околу територијата.

Двете НАТО сојузнички имаат спротиставени тврдења во врска со поморските права, предизвикувајќи стравувања дека тензиите можат дополнително да ескалираат.

Европската унија, чија членка е и Грција, претходно повика на дијалог.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.