Министерството за здравство на Грција донесе вонредни превентивни мерки во три региони, за да се избегне локално пренесување на коронавирусот, јави дописничката на МИА од Атина.

Професорот Сотирис Циодрас кој е претставник за Ковид-19 во Министерството за здравство на Грција, синоќа соопшти дека владата, по препорака на Комисијата на експерти за заразни болести одлучи, на 48 часа се затвораат сите државни и приватни образовни институции и да се откажат секаков вид масовни собири, како театри, кина, спортски и културни настани, посети на археолошки локалитети и музеи во три грчки региони (Ахаиа, Закинтос и Илиас).

Одлуката е за денеска и утре, а доаѓа по последниот, деветти, потврден случај на коронавирусот во Грција, кај лице жител на еден од конкретните региони.

Министерството за здравство на Грција соопшти дека мажот, кој патувал во Израел и Египет е во стабилна состојба, но со сериозна пневмонија и внимателно го следи медицински тим од болницата во градот Патра.

Паралелно, се врши проверка на лицата со кои бил во контакт, како во Патра, така и во Амалиада, односно неговиот роден град.

Според грчките медиуми, станува збор за 66-годишен пензионер кој неодамна се вратил од патување во Израел и Египет каде што бил дел од групна тура со уште 52 други патници, кои се од различни градови, но од регионите за кои се донесени превентивните мерки.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.