Смртта на четиричленото семејство на Кристи Реци, свршеницата на едниот од синовите на албанскиот премиер Еди Рама, Грегор Рама, во земјотресот во Драч, ја погоди целата јавност во регионот, а Грегор го стави во фокусот на интересот.

Иако Рама е интересен и актуелен повеќе години, неговите деца не се медиумски експонирани. Медиумите едвај известувале за врската меѓу Грегор и Кристи иако се знае дека биле заедно околу три години.

Како и таткото, така и Грегор е уметник.

За време на кампањата за парламентарните избори во 2013 година, Рама објавил 15-минутен документарен филм, „Рама за иднината“, во кој тој отворено зборува за настани што го одбележале неговиот живот. Тој особено истакнал дека најтежок момент во неговиот живот бил кога дознал за болеста на синот. На Грегор му бил дијагностициран карцином.

Морав да влезам длабоко во себе за да најдам сила да се смеам, да комуницирам и да ја завршувам мојата работа. Ноќите беа полни со солзи. Бевме соочени со голема непознаница која еродираше во сите нас, рекол Рама.

Во филмот зборува и самиот Грегор. Раскажува како Еди му помогнал да го победи туморот на тестисите.

Дијагнозата ја добив кога бев кај вујко ми во Америка. По експериментална хемотерапија, бев излекуван. Татко ми ја користеше својата страст, кошарката, за да ми објасни како да ги надминам тешкотиите, открил тој.

Рама го посетувал својот син редовно додека бил на лекување во Америка, особено во 2009 година кога му се влошила состојбата.

Грегор Рама дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Тирана, следејќи ги стапките на неговиот татко, сликар како и неговиот дедо, познат албански скулптор. Има 30 години. Роден е во првиот брак на Еди Рама со актерката Матилда Макоци.

Матилда Макоци, првата сопруга на Еди Рама

Во малубројните интервјуа што ги дал, Грегор секогаш потенцирал дека неговата мајка е „личноста која најмногу ја сака“. Со татка си е поврзан преку уметноста, а во политиката никогаш не се мешал.

Сакам луѓето да проценат кој сум врз основа на она што го сликам, а не според моето презиме, вели тој.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.