По завршената обдукција на телата на несреќно загинатите момчиња и девојки од Посушје, во медиумите се појавија нови детали за кобната несреќа на новогодишната ноќ.

Една од информациите е дека починатите последната комуникација преку мобилен телефон ја имале малку по 4 часот, а потоа се претпоставува дека заспале.

Се обиделе да излезат, но не успеале

Кога истражителите дошле на местото на несреќата, затекнале шест мртви лица во седечка положба, а две момчиња лежеле на подот. Се претпоставува дека се обиделе да излезат, но не успеале да дојдат до вратата на викендицата која била заклучена.

Во шупата зад викендичката се наоѓал агрегатот кој од роднини го позајмил еден од починатите. Шупата имала две врати, едната била затворена, а другата малку подотворена. Целиот јаглероден моноксид не можел да излезе надвор и кога шупата се наполнила, веројатно преминал во викендичката во која за последен пат се веселеле младите.

Во попладневите часови била завршена обдукцијата на телата на осумтемина настрадани во несреќата, но сѐ уште не се познати резултатите од обдукцијата.

Вештачењето нема да биде завршено до понеделник.

Направивме обдукција на сите настрадани и сега собраните материјали одат на токсиколошко вештачење во Сараево. Дури потоа ќе се знае вистинската причина за смртта на момчињата и девојките, вели обвинителот Борислав Чуљак.

Тој додава оти до понеделник не очекува сите вештачења да бидат завршени.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.